(Бес)конечни модели на расказот

Sanja Mihajlovik-Kostadinovska

Photograph by Laura Blight

Ситни раскази: Квака

Модел на хорор расказ: квака што се отвора полека, кога не се очекува никој да влезе.

Модел на смешен расказ: кваката отпаѓа во нечија рака, токму кога треба да се направи некаков спасоносен излез.

Модел на реалистичен расказ: описот на кваката се протега на две страни, без особена причина.

Модел на фантастичен расказ: кваката се отвора, иако не би требало.

Модел на криминалистички расказ: доказот не е на кваката.

Модел на авантуристички расказ: некој виси на квака, наспроти сите физички закони.

Модел на бајка: кваката е само инструмент, но не и херој или антихерој.

Модел на постмодерен расказ: кваката е херој и антихерој. Спомната е на неколку клучни места, но не затоа што таму се крие некаков доказ. Се отвора брзо и очекувано, но местото каде што води не е ни најмалку спасоносно, ниту во согласност со физичките закони.

Раскази-стапици: Жива кал

Можеш многу лесно да пропаднеш во ваков расказ. Додека полека тонеш, се преколнуваш себеси заради твоите предубедувања во врска со расказите со цврсто тло. Можно е само едно спасоносно решение: на време да се фатиш на расказ-гранка, под услов да ти е на дофат и да биде доволно издржлив за невнимателни читачи како тебе. Во краен случај, и сосема да те проголта, имаш уште неколку секунди додека да дојде расказ-булдожер да те извади. Ама тие толку ретко се наоѓаат на вистинското место и во вистинското време, па затоа ваквата опција можеш без двоумење да ја отфрлиш. Ако ти е за утеха: никој не се вратил да каже како е отаде ваквите раскази, што им дава одредена трансцендентална димензија, а тебе те претвора во некаков митски херој.

Иритирачки раскази: Пепелник

Кога од сите нагмечени цигари, по некоја залепена мастика, мало хартивче стуткано во топче, исечен нокт што случајно летнал и по некој ден го наоѓаш на каучот, клопче од паднати влакна и други шушки, правиш расказ, не можеш а да не ја пофалиш неговата практичност, достапност и општествена корисност. Но, оваа утилитарна димензија не ја поништува и длабоката естетска, дури и трансцендентална вредност на расказот бидејќи неретко тој станува централен храм на толку многу зборови што никогаш повеќе не ќе бидат изговорени со истата интонација, по истиот редослед, со истиот жар или по истиот повод. Единствената мана на овој расказ е што бргу се полни со ситници и почнува да го гуши читателот и тој чувствува потреба да го испразни, односно избрише, што од практични, што од естетски причини. Едноставно, не може да има место за сите раскази. Почнуваат да мирисаат.

Патувачки раскази: Куфер

Краткиот расказ е како куфер за кратки релации. Се става само неопходното, но ни останува некое горко чувство дека нешто сме заборавиле, дека нешто ќе ни недостасува, таму, надвор од неговите граници. Дури и тогаш кога просторот е најрационално искористен, кога пастата за заби е во минимално пакување, долниот веш прецизно пресметан, книгата-сопатник, едно левтерно, речиси бестежинско издание, сепак нешто нè јадосува. Мора ли да има ги има тие проклети патенти?

Почетнички раскази: Глуварче

Има раскази што речиси никој не ги забележува. Самоници се, не се бујни, немаат примамливи бои, не мирисаат, никој не воздивнува по нив. Детската рака ги скинува само за да ги дувне, но не и да ги однесе дома за да ги стави во вазна. Кога семето од ваквите раскази ќе се разнесе, детето ги покрива ушите, оти возрасните им велеле дека од нив може да се оглуви. Што од ветрот, што од таа детска љубопитност, тие продолжуваат да ѝ пркосат на убавината и на човековата суета.

Среќни раскази: Детелина со четири листа

Има некои места каде што само растат детелини со четири листа. Ретки се, иако не и недостапни. Но, не верувам дека некој некогаш помислил дека ќе му донесат среќен расказ. Обично ги ставаат меѓу страниците на дебели книги да се исушат, за потоа долго време да  не се сетат на овој свој мал хербариум од среќа.

Несреќни раскази: Оглас

Изгубен е расказ. Се одѕива на името Миме Зис. Многу е мил и плашлив. Ако го видите, намамете го на лист хартија. Или пријавете го во најблиската фикциска станица.

Функционални раскази: Жлеб

Кога ќе слушнеш „штрак“, расказот е спремен.

Раскази со среќен почеток, а тажен крај: Прашина под кревет

Ваков расказ може да напишете само ако нешто сосема случајно ви се истркала под креветот. Обетка, молив, капаче, стуткано ливче со почеток на некој расказ. Тогаш ви се отвора нов поглед на светот. Светот на изгубените нешта: другата обетка, моливот што исчезна од книгата што никогаш не ја дочитавте, капачето од кремот против стареење, стутканото ливче со почетокот на расказот што никогаш не го напишавте. Обетките може повторно да се спојат во нивното кутиче. Моливот зазема ново место, на средината на некоја нова книга што се заканува да остане недочитана. Капачето го покрива кремот што не успева да ги покрие вашите брчки. Од стутканото ливче ја тресете насобраната прашина, го отворате и конечно го довршувате оној расказ, иако сега е веќе сосема друг, непрепознатлив. Почнувате да се сомневате дека под креветот навистина живеат чудовишта.