Господарот на маалото

Kalina Maleska

Artwork by Elizabeth Gabrielle Lee

Кога ја слушнав ќерка ми како вреска во оние пет секунди додека ѝ бев завртена со грб, веднаш знаев дека тоа има некаква врска со синот на Мицек. Крај неа одеше една жена и ми довикуваше: „Сара, Сара, ја удрија ќерка ти!“ Тоа беше Наташа, нашата сосетка од вториот кат. Устата на ќерка ми беше крвава, а во раката држеше заб, и тоа траен заб—бидејќи предните заби неодмна ѝ се сменија во трајни, веднаш го сфатив степенот на сериозност.

„Синот на Мицек?“ ги прашав двете.

„Да, да,“ ми одговорија.

Пред повеќе години, Мицек беше едно слабо дете од нашето маало, сега огромен човек чиј глас можеше да се чуе на далеку. Кога бевме деца, најстрашниот во маалото, Сале, ги праќаше Мицек и неговите другари да му купат цигари. Тие секогаш му ги носеа нарачаните цигари, но Сале секогаш им викаше дека му ги згрешиле и ги тепаше, а најмногу си го добиваше Мицек. Кога одевме на игралиште да се лизгаме на лизгалката, застанувавме во ред, но Сале нè туркаше и само тој се лизгаше, а ако некој успееше веднаш по него да се лизне, пред тој повторно да се качи на лизгалката, Сале го тепаше. Јас бев брза па обично успевав да му избегам, за разлика од Мицек, кој трчаше бавно.

Секогаш кога со ќерка ми одиме да се прошетаме во маалото, Мицек седи на една клупа и им раскажува на тие околу себе како денес „децава немаат поима од живот“. „Во наше време. . .,“ почнува Мицек. „Во наше време, се знаеше. . .“ продолжува. Другите потврдуваат дека во нивно време се знаело. „Во наше време, се знаеше, а не како сега. . .“ Некогаш, еднаш или двапати во месецот, успеваше и да ја доврши реченицата: „Во наше време, се знаеше, а не како сега, децава размазени, немаше тоа. Се тепавме, така сме израснале, така сме научиле за животот, сме станале жилави. Како ќе знаев да се тепам ако секогаш мајка ми и татко ми стоеле до мене да делат правда.“

Бидејќи Мицек и жена му никогаш не го гледаа својот син додека играше во маалото, знаев дека треба да се потрудам за да ги најдам. Најпосле, заедно со крвавата уста на ќерка ми и паднатиот заб, ја најдовме мајката.

„Погледнете што ѝ направи вашиот син на ќерка ми,“ се пожалив.

„Ах. . . Така растат децата,“ одговори.

„Значи, нема ништо да му речете?“ прашав налутено.

Таа ништо не одговори.

Следниот ден не излеговме зашто ќерка ми сè уште беше потресена од повредата. Затоа, пак, некој заѕвони на врата. Кога отворив, пред мене стоеше маицата на Мицек – бидејќи јас сум нискичка, а Мицек прилично висок, погледот секогаш ми паѓаше некаде над неговиот мев.

„Што има ти да разговараш со жена ми? За сè за син ми, мене ќе ми се обратиш.“

Се обидов да му објаснам што се случило вчера, но тој постојано ме прекинуваше: „и да сум те слушнал уште еднаш да речеш дека ти ќе го искараш мојот син, тешко тебе! Јас ќе го научам на памет, нема што ти да го караш.“ Сега јас се обидов да го прекинам мојот познаник од детството: „Ама, не сакам да го. . . ,“ но тој не ме слушаше. „И стварно веќе сте ми преку таквото, ај да не зборам пред женско, со тие ваши доаѓања на врата секој ден да се жалите од син ми,“ викаше Мицек.

„И, на крајот од краиштата,“ рече веќе тргнат да замине, „така се челичат децата. Така сум се исчеличил и јас, кога не ми се мешале мама и тато, сум се научил да се тепам.“

„Ич не си исчеличил. Само си станал насилник како Сале кој секогаш нè малтретираше,“ се изнервирав што се осмелуваше да се прави паметен додека ќерка ми остана без траен заб.

Мицек се врати нагоре по скалите по кои веќе беше почнал да слегува, замавна со раката и беше предоцна да се повлечам. Кога веќе бев наземи, ме плукна: „Ете, гледаш дека сум силен,“ се смееше.

Забарката ми ги извади четирите скршени предни заби и се договоривме за термин за ставање вештачки заби.

Неколку дена подоцна, ќерка ми и јас, без заби и горди, излеговме да прошетаме во маалото. Поради последниве настани, не можев да го смислам ова маало и повеќе сакав да отидеме и да прошетаме на други места, но сега веќе беше во прашање инает. Прво го здогледавме семејството Американци, кое се пресели во нашето маало пред неколку години. Се презиваа Тејлор и најчесто возеа велосипеди, како што беше случај и сега: Кога нивните деца сакаа да играат фудбал со другите деца од маалото, маалските деца обичено се обидуваа да ги избегнат. Не дека имаа нешто против нив и не дека не знаеја англиски—сите деца разбираа по нешто англиски. Но, проблемот беше што двете деца секогаш бараа во играта да има и некој судија. Мицек најгласно се смееше на оваа идеја: „Играјте бе, што се замислувате, да не сте на некое светско првенство, па ви треба судија, да ви ебам размазените“ секогаш им викаше.

Кога семејството Тејлор нè здогледаа, веднаш ги запреа велосипедите.

„Што ви се случило?“ праша жената гледајќи ги нашите штрбави усти.

Јас им раскажав на кратко.

„Треба да повикате полиција,“ советуваше таткото.

„Да, зошто да не,“ реков и навистина таа идеја воопшто не ми падна на памет додека не ја слушнав од него. Потоа си помислив дека ако го пријавам во полиција, Мицек барем ќе мора да ми плати за ставање нови заби.

Дојде полиција. Прашуваа, нешто запишуваа, ми рекоа дека сум требала да го пријавам инцидентот кога се случил и заминаа. Оваа ситуација Мицек не пропушти да ја забележи: „Ти изгледа кога си била мала, сè со мама и тато си одела надвор, а? Па сега—чичко полицаец, те молам спаси ме од страшниот Мицек. Е па јас, не сум се влечкал со мама и тато да ми делат правда.“

„Затоа и немаш смисла за правда,“ не издржав.

Повторно ударот на раката на Мицек ме турна на земја. Овој пат ми испаднаа сите седум заба на долната десна вилица.

Си ја научив лекцијата. Што и да ми каже Мицек, отсега нема му вратам. Но, нема да ме избрка од ова маало.

Две недели подоцна, повторно шетавме во нашето маало. Ќерка ми си играше со другарчињата. Потоа решија да се лизгаат. Таа и неколку девојчиња, како и двете Американчиња се лизгаа еден по еден, застанувајќи потоа на ред за следното лизгање. Тогаш се појави син му на Мицек, ги избутка сите деца, при што едното Американче си ја расече раката од ’рѓосан клинец, и седна да се лизне.

Но овој пат бев цврсто решена да не го пуштам така. „Не е убаво да ги буткаш децата,“ му реков на синот на Мицек, „знам дека на татко ти не му пречи тоа, ама ти си паметно дете, ти него треба да го научиш на фер однесување.“ Детето неколку секунди ме гледаше зачудено, а потоа се лизна. Потрча пак да се качи на лизгалката, но јас му застанав на патот. Потоа се потргнав, но ја спуштив раката како рампа и му реков: „овде треба да се почека на ред. Тоа е фер, нели?“  Кога сакаше да ми ја бутне раката, јас го фатив за неговата и го задржав да не се качува.

Одеднаш пред мене се створи микрофон со натпис „Џ-даблју-даблју-њуз“, новинарка што го држеше и камера веднаш зад неа. Новинарката говореше англиски.

„Се наоѓаме на игралиште во Македонија. Погледнете колку сурово возрасните овде се однесуваат со децата, и тоа“—овде имаше драмска пауза од неколку секунди—„и тоа туѓите деца. Госпоѓо,“ ми се обрати потоа мене, „госпоѓо, кажете ми, како се викате?“ „Сара,“ одговорив послушно. „Сара, како се осмелувате да кревате рака на дете?“ Јас не сфаќав баш најдобро што се случува. На секунда помислив дека во прашање е скриена камера, но стомакот на Мицек што со огромна брзина се приближуваше и неговиот налутен израз, којшто го видов кога ја подигнав малку главата, јасно сведочеа дека не станува збор за шега.

„Моето дете, си ми го удрила, краво?“ ми викна Мицек и со нешто што го држеше во раката – не успеав да видам што е – почна да ме удира по нозете. Новинарката и камерманот се обидуваа да го спречат. „Господине,“ се обидуваа да му објаснат, барајќи некој да им преведе бидејќи им стана јасно дека Мицек не ги разбира, „знаеме дека сте вознемирен од овој дивјачки напад врз вашето дете, но ве молиме, имајте доверба во институциите. Смирете се, не вознемирувајте ги децата.“ А децата викаа ли викаа.

Следното излегување во маалото се случи една недела подоцна. Ќерка ми веќе не сакаше да доаѓа со мене, иако ја подучував да не се предава, да не им покаже слабост. Можеби беше премала за да го разбере тоа. Со нозете во гипс, штаки во двете раце и уста без голем број заби шетав по маалото и го барав Мицек – само колку да ме види дека сум тука, дека не му се плашам. Но, Мицек никаде го немаше. По некое време, ми олесна што го немаше, па си седнав на една клупа и си отворив весник. Пред мене се собраа неколку деца, меѓу кои и двете дечиња на Тејлор, а таткото им беше судија. Другите деца се нервираа што не можеа да докажат оти голот што им е даден е неважечки, како што обично докажуваа, или дека некој што не ги допрел им направил фаул. Но, одеднаш заѕвони мобилниот на судијата, па тој мораше да се повлече од теренот за да разговара. Јас си читав весник и си уживав што ќерка ми реши да не излегува, па не морав постојано да внимавам некој да не ја удри. Но, сè погласните извици на теренот ми пречеа. Го спуштив весникот. Во тој момент, синот на Мицек со патиката целеше директно кон коленото на детето што ја водеше топката. Го удри толку силно што ми се виде како коленото да излета од ногата на детето. Детето падна без да успее да викне, а коленото за секунда му беше потечено како три колена. „Фаул, фаул!“ викаа децата од тимот на повредениот. „Нема фаул, нема фаул!“ ги надвикуваа оние од тимот на Мицек, продолжувајќи ја играта.

Станав.

„Како нема фаул? Не гледате дека детето е повредено?“ им викнав. „Јас сум заменик судија и досудувам црвен картон,“ додека ги изговарав овие зборови, го здогледав синот на Мицек како крева камен и замавнува кон мене. За влакно го избегнав. Тргнав со штаките кон него. Го слушнав и Американецот како изненадено му довикува на синот на Мицек да не фрла со камења. Овој, пак, зеде уште еден камен, но го стигнав на време за да му го турнам каменот од раката. Тојчас пред нас се створи новинарката од „Џ-даблју-даблју“, длабоко потресена, која со возбуден глас им се обраќаше на своите гледачи: Прилогот го заврши со заклучокот дека е најдобро да се викнат социјалните служби. Тогаш го здогледав и татко му на Мицек кој се доближуваше со нож на кој имаше остатоци од домат – Мицек и неговите пријатели често си правеа мезе од домати и сирење надвор, за што им беше потребен нож – и штом стигна до мене замавна со ножот, по што го здогледав своето лево уво наземи. Потоа Мицек се сврте кон детето повредено во фудбалскиот натпревар, го здогледа неговото џиновско колено и рече: „Добро бе, за ова ли правите проблем, бе, серковци? Така се учи на жилавост. Ако не те удрат денес, утре ти нема да научиш да се тепаш,“ му рече на онесвестеното дете.

Е, сега, си реков, нема да чекам неколку недели, и уште утредента, без уво, со завој околу главата, со штрбава уста, скршени нозе, штаки во рацете, се упатив право кон игралиштето, каде што синот на Мицек ги фаќаше клацкалките на едната страна и не им дозволуваше на децата од другата страна на клацкалката да слезат.

„Што правиш?“ му викнав без размислување, не грижејќи се повеќе ниту за Мицек ниту за новинарката. „Остави ги децата на мир!“ Одеднаш, неочекувано, синот извика со сета сила: „Тато, тато, таа истата тетка ме тепа!“ Никогаш не сум го чула синот на Мицек толку да вика, па се стаписав.

„Сара, Сара, внимавај!“ го чув зад себе гласот на сосетката од вториот кат. Се свртев. На неколку сантиметри од себе го здогледав чеканот што Мицек го упатуваше кон мене. Откако умрев од овој удар, моето семејство, во согласност со мојата претходно назначена желба, ми го кремираше телото. Сакајќи да остават знак на мојата битка за правдата, членовите на моето семејство ја растурија мојата пепел околу лизгалката и клацкалките како споменик што ќе ги потсетува идните генерации дека не сум потклекнала во борбата против насилствата во нашето маало. Неколку дена откако го сторија тоа, синот на Мицек се лизгаше на лизгалката. Кога протрча низ мојата пепел, се лизна и падна, при што пепелта му влезе во очи. Мицек, кој првпат беше близу сина си, налутено почна да скока врз мојата пепел. „И, еве, драги гледачи, голготата во Македонија не завршува. Жената по име Сара за која ве известувавме овие денови, денес за малку со својата пепел ќе го ослепеше кутрото дете, жртва на нејзиното насилство. Апелираме на овој случај да се стави крај и никогаш повеќе да не се повтори ништо слично,“ го слушав гласот на новинарката која исто така газеше со своите нозе по мојата пепел

From: Мојот непријател Итар Пејо. Скопје: Или-Или, 2016.

            (Clever Pejo, My Enemy. Skopje: Ili-Ili, 2016.)